Вчитувам...

Слободен печат: Вишокот храна од рестораните да се продава поевтино или да се донира

  Храна За Сите   24.02.2018

Платформата ќе биде јавна од март. Граѓаните ќе може да купат поевтина храна за 80 проценти од редовната цена, а ранливите категории ќе имаат бесплатна храна

Во светот се произведува многу повеќе храна отколку што се продава, а сепак таа е сè уште недостапна за многу луѓе. Доколку храната не успее да се продаде во моментот по нејзината цена, често се фрла, наместо да се продаде за пониска цена или, пак, да се донира. Една од причините поради која ова се случува е и непостоењето организиран пазар на храна кој ќе овозможи размена на брзи информации помеѓу угостителските објекти, потрошувачите и невладините организации.

Со вакво објаснување платформата „Храна за сите“ упатува повик до угостителските објекти да се вклучат во оваа платформа, која ќе обезбеди храна поевтина за 80 проценти, или пак, бесплатна храна.

– Платформата ќе биде јавна од март. Досега имаме соработка со десетина угостителски објекти, но целта ни е да се вклучат што повеќе во овој тест-период. Угостителските објекти ќе си имаат однапред креиран профил на платформата, ќе имаат утврдени производи и на дневна база ќе се внесува понудата, односно количините што би ги продавале со намалена цена од 80 проценти или, пак, кои би ги донирале. На пример, ако станува збор за пекарски производи што не се продале во утринските часови, тие попладне може да се донираат или да се продадат евтино – објаснува Маја Костовска од платформата „Храна за сите“.

Таа вели дека откако платформата ќе стане јавна, сите заинтересирани ќе имаат увид во поевтината храна и преку платформата ќе може да си направат резервација.

– Храната што ќе се донира, пак, ќе се дистрибуира преку центри за донација од страна на невладини организации, кои ќе имаат увид во потребите на ранливите категории за бесплатна храна – објаснува Костовска.

Од платформата „Храна за сите“ објаснуваат дека угостителските објекти со приклучување на платформата ќе добијат зголемена продажба, намалување на трошоците поврзани со вишокот на храна, но и промоција и покажување на општествената одговорност преку донација на храната.

Угостителските објекти што сакаат да се вклучат во акцијата можат да ги контактираат на 077 64 68 64, на мејлот info@hranazasite.mk, или пак, во порака на Фејсбук, нагласуваат од платформата „Храна за сите“.

Софтверското решение за продажба и донирање непродадена храна од угостителските објекти – „Храна за сите“ во октомври освои награда од 10.000 долари на регионалниот натпревар „Филантропија преку зелени идеи“ во Колашин, Црна Гора, кој се одржува во организација на Фондот на браќата Рокфелер од САД.

Преземено од: www.slobodenpecat.mk

Автор

Слични статии

Посакувате некој од Вашите омилени угостителски објекти да се дел од оваа платформа? Предложи