
РАБОТНО.МК : Билјана и Јане од hranazasite.mk ја раскажуваат својата старт – ап приказна
Билјана и Јане се „срамежливи“ луѓе, ако зборувате со нив дефинитивно ќе ве инспирираат. Имавме среќа да ги запознаеме и да ги прашаме за нивните животи. Едно долгогодишно пријателство се развива во успешна старт-ап приказна. Од нив дознавме дека секое утро учат нови работи и секој ден им е поинаков.
Работно.мк: Кој е тимот позади hranazasite.mk?
Билјана: Тимот на Храна за сите се состои од три члена со различни профили: Јане Заевски – финансии и проектен менаџмент, Билјана Макревска – инженер во областа на животната средина и Маја Костовска – правник кој работи во полето на екологијата. Тоа што доаѓаме од различни професии, ни го прави секојдневното работење динамично и креативно.
Работно.мк: Како се роди идејата?
Јане: Сé започна пред две години, каде што преку програмата Work and travel работев во еден поголем ресторан во Америка. Преку ова искуство се соочив со количината на фрлена и неискористена храна, која залудно завршува во кантите за отпадоци. Најпрвин помислував дека тоа е проблем само во Америка, и кој се случува само поради незаинтересираноста на населението и на изобилието на ресурси со кои располагаат. Но, кога се вратив дома, започнав да му обраќам сé повеќе внимание на овој проблем и да ги забележувам полните контејнери со фрлена храна. Покрај домаќинствата тоа се случува и кај угостителските објекти. Решив да превземам нешто и таа првична желба како економист ја преточив во бизнис план. Аплицирав на натпревар за претприемништво и спонтано во процесот тимот се прошири со моите блиски пријателки Маја и Билјана со кои продолживме да ја развиваме оваа социјална бизнис идеја.
Работно.мк: Со кои предизвици се соочуваат старт-апите во Македонија?
Јане: Работата на старт-апите во Македонија е полна со неизвесности, започнувајки од потешкотиите за обезбедување на податоци при истражувањето на пазарот, но и обезбедување на почетен капитал. Не доволно организираната институционална поддршка во почетните фази од развојот е дополнителен предизвик. На тоа може и да се додаде неизвесноста која резултира од ад хок менување на закони и различни административни и технички законски пречки кои ги демотивираат претприемачите и го отежнуваат патот тие да се фокусираат на клучните активности.
Работно.мк: Што претставува социјалното претприемништво за вас и која е неговата важност за општеството?
Јане: За мене социјалното претприемништво претставува детектирање на одредени социјални и еколошки недостатоци во општеството и нивно решавање преку употреба на бизнис модел кој ќе создаде одржливост. Со други зборови правење на нешто добро за општеството – при што тоа „нешто“ содржи бизнис компонента за постигнување на повисоки вредности. За жал социјалното претпријатие како форма сеуште не е доволно третирано во македонската економија, иако секоја година во Европската унија 1 од 4 ново основани претпријатија е социјално и ваквата форма вработува повеќе од 11 милиони работници.
Работно.мк: Што претставува hranazasite.mk?
Билјана: “Храна за сите” претставува (last minute) платформа изразена во форма на веб-страна а понатаму и мобилна апликација која ќе овозможи да се информирате и купите готвена храна која што угостителските објекти сметаат дека нема да ја продадат во текот на денот. (за цена пониска и до 80% од редовната )
Угостителските објекти ќе се регистрираат на нашата платформа и ќе објавуваат опис на храната која што не успеале да ја продадат во текот на денот, цена и временски период во која истата може да се подигне. На потрошувачите ќе им биде понуден преглед на сите понуди и по изборот тие ќе треба да ја резервираат со платежна картичка и ја подгинат во предвидениот временски период.
Дополнително ќе имаме систем на донациии во средства кои што ќе бидат намените за оброци токму за најзагрозените ранливи категории на граѓани.
Работно.мк: Тимски освојувате многу натпревари а моментално сте во финалето на Social Impact Award. Раскажете ги вашите искуства.
Работно.мк: Кои активности заеднички ги остварувате за да ја подобрите мотивацијата на тимот?
Билјана: Бидејќи сме по природа авантуристи, заеднички трчаме на кеј, возиме точак низ градот и искачуваме планински врвови. Тука не изоставуваат и посетите на разни обуки и семинари за стекнување на нови знаења.
Работно.мк: Дали е предност или недостаток за бизнисот тоа што вие сте другари уште од средношколските денови?
Билјана: Тоа ни овозможува да ги познаваме меѓусебните способности, како и да си помогаме при решавање на задачите. Пријатно е чувството да се работи со тим на кој му веруваш, тоа ти дава повеќе мотив и желба за работа.
Работно.мк: Што им препорачувате на младите луѓе?
Јане / Билјана: Да останат искрени кон себеси , и секогаш отворени за да научат нешто ново. Да работат напорно и да не се откажуваат од своите соништа , дури и кога никој друг освен самите тие не веруваат во нив.
Преземено од: rabotno.mk