Вчитувам...

РЕПОРТЕР.МК: Донирајте го вишокот храна за бездомниците преку „Храна за сите“

  Храна За Сите   25.01.2018

Јане Заевски е креатор на идејата „Храна за сите“, интернет-платформа за донација и продажба на храна која угостителските објекти и продавниците не успеале да ја продадат во текот на денот. Во ова можат да се вклучат сите оние објекти кои продаваат храна, па тие наместо да ја фрлаат ќе ја донираат храната за бездомниците или ќе ја продаваат по пониски цени за граѓаните кои располагаат со мал буџет.

„Идејата се роди пред некоја година во Америка, кога првпат видов колкава е количината на неискористена храна. Сметав дека тоа е проблем само таму, но истражував и сфатив дека тоа е глобален проблем, а вишок храна има насекаде. Нискиот економски стандард во којшто живееме, наспроти тоните фрлената храна беше главен мотив да почнам да ја реализирам идејата“, вели Јане.

Откако го поставил концептот, му се приклучиле Билјана Макревска и Маја Костовска, со кои денес напорно работи да ја реализира својата цел.

„Нашата мисија е да ја зачуваме храната, паричникот и планетата Земја и заеднички да ја вратиме изгубената вредност на храната. Таа треба да заврши во нашиот стомак, а не во канта за отпадоци“, вели тој за „Репортер“.

Веќе постои листа на семејства на кои им треба храна, но и на прифатилишта и градски кујни каде што храната може да се донира и да се подели на бездомниците.

Главната цел на „Храна за сите“ e да се сведе на минимум фрлањето храна. Секој ресторан може да се регистрира на платформата и секогаш кога ќе имаат вишок храна, да ја донираат. Втората можност е да ја продаваат храната по многу пониска цена отколку што е цената во нивното мени. Граѓаните, исто така може да се регистрираат на платформата и да купуваат храна по многу пониски цени отколку кога истата би ја купиле во самиот ресторан.

Платформата ќе стане јавно достапна на средина на февруари.

Андријана Јовановска

Преземено од reporter.mk

Автор

Слични статии

Посакувате некој од Вашите омилени угостителски објекти да се дел од оваа платформа? Предложи